Американската вселенска агенција NASA официјално објави дека се откажала од својот експериментален електричен авион Х-57, наведувајќи го ризикот од дефект на неговиот погонски систем кој би ги загрозил луѓето.
NASA на прес-конференција oбјави дека нејзиниот електричен авион X-57 никогаш нема да полета бидејќи загриженоста за ризикот и безбедноста се нерешливи со оглед на времето и буџетот доделени за проектот. Програмата X-57 беше исклучена уште пред да полета леталото.
Агенцијата претходно се надеваше дека леталото, кое требаше да се напојува со електрични мотори на батерии ќе полета некаде оваа година. Првичните планови предвидуваа авионот да има десетина пропелери, но NASA ја намали таа бројка и избра форма наречена Modification 2. Оваа верзија е замислена со само два пропелери, по еден на секое крило, но сега се знае дека ни овој авион нема да полета.
„За жал, неодамна откривме ризик од дефект на погонскиот систем за кој утврдивме дека претставува неприфатлив ризик за безбедноста на пилотите, како и на персоналот на земјата. Намалувањето на тој ризик би го одвело проектот далеку од неговото планирано завршување на крајот на оваа фискална година, така што NASA одлучи да го заврши проектот“, изјави Бредли Флик, директор на Центарот Армстронг за истражување на летови на NASA.
И порано имаше проблеми, транзисторите модули во електричните инвертери често otka\uvaa и „експлодираа“ при тестирањето, но тој проблем е решен.
Меѓутоа, проектот беше откажан поради проблем со моторите што ги придвижуваат пропелерите, што е потенцијален механички дефект под товарот на летот. Постигнат е напредок во решението, но процесот на имплементација би траел предолго.
Од NASA нагласуваат дека се уште се горди на нивниот придонес во пошироката индустрија, бидејќи приватните компании продолжуваат да работат на електрични летала.