Американската вселенска агенција NASA достигна технолошка пресвртница која еден ден би можела да игра важна улога во мисиите на Месечината и пошироко.
NASA откри дека системот за контрола на животната средина и поддршка на животот ECLSS на Меѓународната вселенска станица постигнал 98 проценти рециклирање на водата што ја носат астронаутите на МВС. Овој систем користи „напредни одвлажнувачи“ кои ја „фаќаат“ влагата што се создава додека екипажот дише и се поти за време на нивните секојдневни задачи.
Друг потсистем наречен Urine Processor Assembly ја собира урината и произведува вода и солен раствор на урина што сè уште содржи H20 преку процес на дестилација. Агенцијата започна со тестирање на нов уред кој може да „вади вода“ од тој раствор, со што е постигнато обновување на водата од 98 проценти на МВС во споредба со претходните 93 до 94 проценти.
Помислата дека астронаутите пијат урина во никој случај не е пријатна, но NASA истакнува дека всушност се работи за питка, прочистена и филтрирана вода која е почиста од онаа што ја пиеме на Земјата.
Системите како ECLSS ќе бидат клучни во иднина бидејќи NASA спроведува повеќе мисии надвор од орбитата на Земјата.
„Колку помалку вода и кислород имаме да испорачаме, толку повеќе научни компоненти можат да се вклопат во леталото. Сигурен, робустен регенеративен систем значи дека екипажот не мора да се грижи за тоа и може да се фокусира на вистинската намера на мисијата“, рече Џил Вилијамсон, администратор на NASA за подсистеми за вода ECLSS.