По неколку години развој, компанијата Virgin Galactic конечно е подготвена да им понуди на клиентите летови во вселената.
Virgin официјално потврди дека ќе го изведе својот прв комерцијален лет во вселената, наречен Galactic 01 на 29 јуни, а во оваа инаугуративна мисија ќе бидат вклучени тројца патници од италијанските воздухопловни сили и Националниот совет за истражување, кои ќе ги водат истражувањата за микрогравитација.
Компанијата веќе има планови за следните летови. Galactic 02 е закажан за почетокот на август и е резервиран за приватна екипа. Познато е дека Virgin ќе има месечни летови, но се уште нема повеќе детали. Компанијата објави дека преносите од двата лета ќе бидат достапни на официјалната веб-страница.
Последниот преткомерцијален тест лет, вкупно петти, Virgin го изведе во мај. Компанијата претходно беше принудена на бројни одложувања поради инциденти. Првиот тест на вселенското летало SpaceShipTwo се одржа во 2013 година, но активностите беа прекинати по фаталната несреќа на ISS Enterprise. Тест летовите продолжија до 2016 година кога беше тестиран VSS Unity. Virgin конечно стигна до вселената во 2018 година, но мораше да почека до 2021 година за својот прв вселенски лет со екипаж, кога основачот на компанијата Ричард Бренсон отпатува во вселената. Комерцијалните летови беа одложувани неколку пати, а авионот VMS Eve, кој го носи вселенското летало SpaceShipTwo, во меѓувреме беше надграден.
Затоа, евентуалниот почеток на вселенските летови е исклучително важен за бизнисот на Virgin бидејќи компанијата со години бележи загуби и веќе изгуби повеќе од 500 милиони долари само во 2022 година. Комерцијалната услуга нема брзо да ги врати тие инвестиции иако билетот чини 450.000 долари, но компанијата ќе добие значителен извор на приход.