Првиот патнички воз во Северна Америка со погон на водород започна со работа во Канада
Францускиот патнички воз е краткорочна демонстрација, што значи дека ќе сообраќа до крајот на септември со цел „почеток“ на усвојување во Канада и САД.
„Мислам дека најважно е да се подигне свеста на луѓето, кои ќе се навикнат на оваа технологија“, рече Роберт Стаско, директор на Hydrogen Business Council во Онтарио.
Возот сообраќа од Монморенси Фолс во Квебек Сити до Баи-Сент-Пол, патување од 2 и пол часа. Линијата е закажана од среда до сабота до 30 септември, а максималната брзина на возот е 140 км/ч и може истовремено да превезува до 120 патници во двата вагона.
Француската компанија Alstom, која го произведува возот, соопшти дека перформансите за забрзување и сопирање се споредливи со стандардните дизел возови, но дека во овој случај нема емисија на гасови. Повеќето европски земји користат возови со електрични шини или надземни жици, но водородните возови се идеални за места како канадските села каде што растојанијата се долги, а бројот на патници е релативно мал.
Истиот модел на воз, Coradia iLing, веќе се користи во 8 европски земји, а од минатата година во Германија работат 14 примероци. Alstom започна со тестирање на своите возови во 2018 година и има дополнителни договори во Германија, Италија и Франција. Европските клиенти нарачале вкупно 41 воз.
Coradia iLint користи околу 50 килограми водород дневно, а за истото патување воз со стандарден мотор би користел околу 500 килограми дизел. Водородниот воз испушта само водена пареа како нуспроизвод од комбинацијата на водород и кислород во горивната ќелија во процесот на генерирање енергија.
Меѓутоа, факт е дека е потребен камион на дизел за да го транспортира водородот до возот секогаш кога му треба полнење гориво, а идеално би било водородот да се произведува на лице место. Сепак, долгорочната цел е да се промовира идејата за водородниот воз да биде прифатен во различни региони на Северна Америка. Доколку биде успешен, ќе го надомести јаглеродниот отпечаток на неговите дизел камиони и патувањата преку Атлантикот.