Компанијата Meta во чија сопственост се социјалните мрежи Instagram и Facebook претстави две нови алатки за да им помогне на корисниците подобро да управуваат со своето време на мрежите.
„Овие ажурирања се дизајнирани да им помогнат на тинејџерите да имаат контрола над нивните онлајн искуства и да им помогнат на родителите да ги поддржат своите тинејџери“, изјавиле од компанијата.
Една од новите алатки ќе ги известува корисниците доколку поминале премногу време на Facebook.
„Кога тинејџерите ќе поминат 20 минути на Facebook ќе добијат известување со кое се бара да се одморат од апликацијата и да постават дневно временско ограничување“, објаснуваат од Meta.
Во меѓувреме, Instagram ќе праќа известување доколку апликацијата открие дека корисникот долго време гледа кратки видеа (Reels) ноќе. Се анализира и алатка која ќе им предлага на тинејџерите да ја затворат апликацијата доколку гледаат кратки видеа навечер.
Новите функции доаѓаат веднаш по лансирањето на тивкиот режим на Instagram, функција која ги поттикнува корисниците да постават граници со своите пријатели и следбеници. Овој режим веќе беше воведен за корисниците во одредени земји, а отсега ќе биде достапен во целиот свет.