Археолози успеале да ја пронајдат локацијата на црквата на исчезнатиот древен град Рунгхолт.
Според легендата, морето го проголтало богатиот град за една ноќ по силна бура како казна за гревовите на неговите жители. А кои биле наводните гревови? Одговорот е: пијанство, безбожност и раскалашеност.
Приказните на бабите и дедовците наведуваат дека изобилството довело до неморален начин на живот, кој завршил околу Божиќ 1362 година, кога група пијани млади се обиделе да принудат свештеник да го даде последниот сакрамент на свињите во локална гостилница. После тоа, како што вели легендата, свештеникот отишол во црквата и го молел Бога да ги казни младите.
Следниот ден, свештеникот го напуштил градот, а не долго потоа, Рунгхолт бил зафатен од силна бура која го избришала од лицето на Земјата. Приказните велат дека средновековната камбанарија уште некое време се слушала од длабочините на Северното Море, пишува Business Insider.
Два километри средновековни могили
И покрај митот за „Божјото уништување“, научниците не верувале дека тоа е само локална легенда, туку дека Рунгхолт навистина постоел, па археолозите и другите експерти тргнале во потрага по потонатиот средновековен град.
За да ја пронајдат легендарната црква и населбата што ја опкружува, експерти од Универзитетот Кристијан-Албрехт во Кил користеле комбинација на геонаучни и археолошки методи и ги откриле остатоците од „северната Атлантида“ во Ваденското Море, т.е. околу островот Садфол пронашле околу 2 километри средновековни могили.
Пронајдени се остатоци од пристаништето, темели на голема црква и одводен систем
„Жителите на населбите скриени под калта најпрво се локализирани и мапирани со помош на различни геофизички методи како магнетна градиометрија, електромагнетна индукција и сеизмички“, вели геофизичарот Денис Вилкен од Универзитетот во Кил.
Во текот на истражувањето, научниците пронајдоа остатоци од пристаништето, темели на голема црква и системи за одводнување.
Во соопштението за медиумите тие наведуваат дека истражувањето довело до нови значајни откритија и неспоредлив увид во животот на жителите на Северна Фризија. „Остатоците од средновековната населба се веќе силно еродирани и најчесто можеме да ги видиме како негативни отпечатоци. Затоа, итно треба да го интензивираме истражувањето“, рече Хана Хадлер од Институтот за географија на Универзитетот во Мајнц.