За разлика од својот претходник, Asus Zenfone 10 има можност за безжично полнење, систем за камера со новата генерација на гимбал стабилизација и екран од 144 Hz.
Линијата на паметни телефони Zenfone на Asus често им се препорачува на оние кои бараат смартфон со врвни спецификации и помали димензии. Минатогодишниот Zenfone 9 многумина го сметаа за еден од најдобрите компактни телефони, но му недостасуваа некои работи, како на пример можноста за безжично полнење. Asus одлучи да го исправи тоа, како и некои други ситници, со неодамна претставениот модел Zenfone 10.
Имено, Asus Zenfone 10 и понатаму има 5,9-инчен AMOLED екран со резолуција од 1.080 x 2.400, но овој пат со малку поголема стапка на освежување од 144 Hz, што може да се користи кај мобилните видео игри. Екранот покрива 112 проценти од DCI-P3 опсегот на бои и се одликува со 151,9 проценти sRGB покриеност, поддршка за HDR10+, како и заштита од Gorilla Glass Victus од гребнатини и удари.
Како што доликува на мобилен уред од висока класа, тој работи со Snapdragon 8 Gen 2 чипсетот на Qualcomm, поврзан со до 16GB RAM. Од Asus тврдат дека гејмерските перформанси би требало да бидат до 20 отсто подобри во однос на Zenfone 9, а велат и дека ефикасноста е подобрена за 15 отсто, што теоретски би требало да се одрази на автономијата на смартфонот, што нормално има батерија од 4.300 mAh.
Бидејќи еден од главните проблеми со минатогодишниот модел беше недостатокот на безжично полнење, добра вест е што ова сега е поправено. Zenfone 10 доаѓа со поддршка за безжично полнење од 15W, но ја задржува жичната опција за полнење HyperCharge 30W, која барем според денешните стандарди, е побавна од повеќето конкурентни модели во овој опсег.
Камерите исто така доживеаја мало подобрување. Zenfone 10 има главен сензор од 50 мегапиксели од 1/1,56 инчи со хибридна гимбална стабилизација од втора генерација со 6 оски. Тоа е систем кој го детектира тресењето на камерата со помош на жироскоп и автоматски ја вклучува електронската стабилизација на сликата во комбинација со оптичката, што на крајот резултира со стабилна снимка.
Покрај главниот сензор, има и ултра-широк сензор од 12 мегапиксели, додека на предната страна, во левиот агол на екранот, има дупка со селфи камера од 32 MP. Задниот дизајн на мобилниот телефон го зачувал визуелниот идентитет на неговиот претходник со мали промени кои неискусното око нема така лесно да ги забележи. Zenfone 10 доаѓа во кутија од рециклирана хартија и мастило од соја, која покрај уредот доаѓа и со USB-C кабел, полнач од 30 вати и заштитна маска.
Овој паметен телефон е веќе достапен за купување во црна (Midnight Black), зелена (Aurora Green), црвена (Eclipse Red), бела (Comet White) и сина (Starry Blue). Почетната цена за верзијата со 8 GB RAM и 128 GB внатрешна меморија е 799 евра, додека најмоќната верзија со 16 GB RAM и 256 GB простор за складирање чини 929 евра.