Чекорите за учество во предизвикот за Венеција се едноставни – првиот чекор е секој заинтересиран да се регистрира
Играјте во новиот предизвник за патување на годинашниот филмски фестивал во Венеција. Гледајте европски филмови под отворено небо и ќе имате шанса да присуствувате на еден од најпрестижните филмски фесивали во светот. Годинешниот летен Европски филмски предизвик (European Film Challenge, EFC) ќе го однесе победникот на филмскиот фестивал во Венеција (Biennale Cinema 2023), ќе го одбележат филмските фестивали во државата, почнувајќи со CinEdays (Синедејс 2023) од 13 до 18 јули, Beach Film Festival од 19 до 23 јули и Македокс од 18 до 25 август.
– Од 2019 година Европскиот филмски предизвик е достапен и за нашата публика и низ годините развива и поврзува мала, но значителна заедница на љубители на европскиот филм и инди киното која активно го користи просторот за забава, откривање, препорачување и споделување на најдобрите европските остварувања. Европскиот филмски предизвик денес е достапен за повеќе од 100 милионска публика во 12 држави од Европа вклучувајќи ја и нашата земја – велат од Центар за социјални иновации „Блинк 42-21“.
Правилата се исти: во тек на 10 недели, до 27 август да се погледнат 10 европски кинематографски остварувања на фестивали, во кино сали, телевизија или на легални VOD платформи за што се добиваат различен број на поени.
– Чекорите за учество во предизвикот за Венеција се едноставни – првиот чекор за да се учествува на натпреварот е секој заинтересиран да се регистрира на официјалната веб-страница https://europeanfilmchallenge.eu/mk/login. Понатаму учесникот треба да изгледа 10 филмови кои ќе ги внесе на својот профил и за секој филм да го „прикачи“ насловот на филмот заедно со фотографија што докажува дека е гледан на легална платформа. Најважниот чекор е редовно да ги следи профилите на EFC на социјалните медиуми, Фејсбук и Инстаграм за навремено да биде информиран кои филмови носат дополнителни поени за победа во предизвикот – велат организаторите.
Проектот во Македонија го имплементира Центарот за социјални иновации „Блинк 42-21“ заедно со европски партнери во 13 држави преку поддршка на програмата на МЕДИА – Креативна Европа и Европската филмска индустрија.
– На нашата публика би ѝ препорачале да не е селективна и да биде поотворена кон гледање и промовирање на европскиот филм кој е подостапен од било кога. Да ги користи социјалните медиуми за позитивни наративи и за ширење на нашите филмски остварувања. Да оди на кино и да ги посетува филмските фестивали кои од година во година нудат се поширока и поквалитетна програма со престижни ервопски филмови. И секако, да игра во предизвикот зошто искуството на филмските фестивали во Берлин, Кан, Венеција, Сараево е незаборавно доживување – велат од „Блинк 42-21“.