Професорот Женан Бао од „Стенфорд“ и неговиот тим измислиле синтетичка електронска кожа со повеќе слоеви која сама заздравува и може сама да се препознае и поврзе при повреда, што ѝ овозможува на кожата да продолжи да функционира додека заздравува. Новата кожа ја имитира вистинската и, како што пишуваат некои медиуми, им овозможува на роботите да се чувствуваат како луѓе.
„Го постигнавме она за кое веруваме дека е прва демонстрација на повеќеслоен, тенок сензорен слој кој автоматски се преструктурира при заздравување. Ова е клучен чекор кон имитација на човечката кожа, која има повеќе слоеви кои точно се поврзуваат при процесот на заздравување“, истакна Кристофер Купер, коавтор на студијата.
Новиот материјал може да чувствува топлински, механички или електрични промени, па дури и да препознае притисок. Уште подобро, може автономно да заздравува.
„Материјалот е тенок и растеглив, но ако го продупчите, расцепкате или исечете, секој слој ќе заздрави селективно за да се врати функционалноста. Исто како вистинската кожа“, вели коавторот Сем Рут, кој додава дека еден слој може да чувствува притисок, а друг температура.
Материјалот може сам да заздрави за само 24 часа кога ќе се загрее на 70 Целзиусови степени, или за околу една недела на собна температура.