Ако го користите прелистувачот Microsoft Edge, обрнете внимание, бидејќи многу луѓе пријавиле дека забележале инсталирани екстензии за кои никој не ги прашал
Според веб-страницата Ghacks, во прашање е најчесто Google Docs Offline екстензијата, која ви овозможува да работите офлајн со Google Office алатките како што се Docs, Sheets и Slides во Microsoft Edge.
Ова однесување е забележано од пред две недели кога беше објавена верзијата Edge 114.0.1823.58. Очигледно, ваквото однесување не ги опфати сите корисници, но сè уште не е јасно што се случува. За работите да бидат уште полоши, инсталираната екстензија не е активна, како што може да се види од сликата на нашиот прелистувач Edge (верзија 114.0.1823.67).
Microsoft наведува дека екстензијата автоматски ќе се активира кога ќе отидете на Google Docs.
Прашањето што се наметнува е зошто Microsoft одлучил корисниците на Edge да имаат инсталирана екстензија на Google Docs Offline, без никаква потврда, прашања или информации. Особено затоа што Microsoft има свои канцелариски алатки, па затоа би било пологично да се видат офлајн алатките за Word, Excel и Power Point…
Дури и ако ви беа корисни овие екстензии, Edge требаше да ве извести и да ви понуди избор за тоа што сакате да се инсталира на вашиот компјутер. Замислете кога секоја апликација што ја користите со новата верзија да почне да инсталира некои додатоци и екстензии без ваше знаење. Google Docs Offline делува доста бенигно, но не ни се допаѓа практиката која не потсетува на логиката на Apple: „не грижете се, ние знаеме што е најдобро за вас“.