Супермасивната црна дупка во центарот на нашата галаксија Млечен Пат не е толку неактивна како што се мислеше, покажува новото истражување.
Се чини дека пред околу 200 години, заспаниот џин се разбудил и проголтал некои блиски космички објекти пред повторно да заспие.
Имено, вселенската опсерваторија на NASA – IXPE (Imaging X-ray Polarimetry Explorer) го набљудуваше ехото на рендгенските зраци на ова силно заживување на активноста. Супермасивната црна дупка Sagittarius A* (Sgr A*) е четири милиони пати помасивна од Сонцето. Се наоѓа во центарот на Млечниот Пат, а од нас е а 27.000 светлосни години.
Sgr A* отсекогаш се сметалa за неактивна црна дупка, вели астрофизичарот Фредерик Марин од француската астрономска опсерваторија во Стразбур. Имено, поголемиот дел од супермасивните црни дупки кои сквотираат во срцето на нивните галаксии „одат на спиење“ откако ќе ја проголтаат сета околна материја.
„Тоа би можеле да го споредиме со мечка која паѓа во хибернација откако добро ќе се нахрани“, изјави Марин за AFP. Но, меѓународен тим од експерти откри дека Sgr A* се разбудила на крајот на 19 век и го консумирала целиот гас и прашина на дофат. Тоа било продолжен оброк – црната дупка се хранела со оваа гозба неколку месеци до една година, пред повторно да западне во „зимски сон“.
Милион пати посветла
„Кога црната дупка беше активна, таа беше најмалку милион пати посветла отколку што е денес“, рече Марин. Научниците можеа да го забележат овој прекин на спиењето бидејќи блиските галактички молекуларни облаци почнаа да испуштаат многу повеќе рендгенски зраци.
„Овој наплив на светлина од рендген беше исклучително силен. Се чинеше дека светулката скриена во шумата одеднаш блесна како Сонце“, соопшти францускиот Национален центар за научни истражувања (CNRS).
Астрономите ја следеа таа рендгенска светлина со IXPE и открија дека таа всушност доаѓа од насоката на Sgr A*. Сè уште не е познато што точно го разбудило Сгр А*. Дали ѕвезда или облак од гас и прашина се доближиле премногу до неа?
Научниците се надеваат дека понатамошните набљудувања од опсерваторијата IXPE ќе ни помогнат подобро да разбереме што точно се случило во овој случај, а можеби и да помогне да се реши мистеријата за потеклото на супермасивните црни дупки, која сè уште е обвиткана со мистерија.
Истражувањето X-ray polarization evidence for a 200-year-old flare of Sgr A* беше објавено во списанието Nature.