Иако требаше да излезат во февруари 2024 година, очилата за проширена реалност Samsung XR веројатно ќе се појават половина година подоцна за да се натпреваруваат со Apple Vision Pro
Датумот на излегување во продажба на Samsung XR (Extended Reality) очилата, корејската компанија наводно го поместила за три до шест месеци, за да ги земе предвид спецификациите на конкуренцијата, поточно Apple Vision Pro, пишува GSM Arena.
Корејските инсајдери тврдат дека Samsung првично планирал да започне со масовно производство на овој производ на почетокот на следната година, но сепак компанијата одлучила да ги прегледа неговите спецификации и дизајн за да одговара на актуелната конкуренција. Ваквата одлука ги менува плановите, па поради тоа масовното производство на новите очила на Samsung за проширена, или мешана реалност ќе биде одложено најмногу за половина година.
Доколку се покаже дека е точна, одлуката на Samsung нема да биде изненадувачка, со оглед на тоа што Apple Vision Pro отиде чекор понатаму со своите спецификации и дизајн кога станува збор за овој интересен производ. Сепак, иако новиот производ на Apple изгледа ексклузивен, неговата цена е многу висока и тоа е една од причините поради која американската компанија сега има проблеми со планираната цел на продажба.
Имено, покрај многу високата цена од „само“ 3.500 долари по која ќе се продава, Apple би можел и да го намали обемот на производство од планираните милион парчиња на само 400.000 уреди поради проблеми со производството на 4K микро-OLED екраните и леќи.
Врз основа на сите достапни информации, изгледа дека Samsung сака да ги спречи проблемите со кои се соочува Apple во моментов, а во исто време да го подобри својот следен производ. Откако очилата ќе бидат официјално пуштени во продажба, ќе видиме колку навистина ќе наликуваат на „просторниот компјутер“ на Apple и дали можеби ќе бидат подостапни за поширокиот дел од населението.