Под слоганот „враќање кон иднината“, вчеравечер (12 јули), со коктел-забава на терасата на книжарницата „Литература.мк“ на ул. „Македонија“, беше означен почетокот на работата на најголемата е-книжарница во нашата земја www.literatura.mk.
На новиот сајт, кој е повеќе од книжарница, понудени се повеќе од 6.500 книги од 50 издавачки куќи и над 15.000 производи од 60 брендови. Покрај книгите, застапени се подароци, дизајнерски додатоци за домот и канцеларијата, играчки, едукативни, арт и колекционерски производи и школска опрема.
На овој промотивен настан се враќаме кон иднината! Всушност, приказната на „Литература.мк“ почна со онлајн-книжарницата пред 12 години, на која можеа да се нарачаат книги и едукативни и стручни изданија. Пред седум години, од интернет „Литература.мк“ се пресели на улицата „Македонија“, бр. 21 (спроти спомен-куќата на Мајка Тереза). Така, симболично, токму од првата физичка книжарница почнува и новата приказна на најголемата е-книжарница. Лансирањето на новата www.literatura.mk е остварување на долгогодишен сон, на чија реализација работеше вредниот тим на веб-шопот. Им честитам за трудот и посакувам успешен почеток – изјави Дарко Фиданоски, коосновач на „Литература.мк“.
„Литература.мк“ е веќе добро препознатлив синџир книжарници: на улицата „Македонија“, „Веро центар“ и ТЦ „Буњаковец“ во Скопје, на Широк сокак во Битола и во центарот на Струмица, како и „Литература.мк суперстор“ во „Ист гејт мол“ и „Скопје сити мол“.
Во промотивниот период, со регистрација може да се добие 20 отсто попуст за секоја нарачка, на кој било производ. Промотивниот код може да се искористи до 20.07.2023 година.