Google штотуку објави дека нивниот четбот за вештачка интелигенција Bard ќе функционира на 40 нови јазици, како и дека конечно ќе стане достапен за жителите на Европската унија, а конечно ќе може да се користи и во Македонија
Пет месеци стариот AI четбот Google Bard, кој го покренува вештачката интелигенција и јазичниот модел за дијалог LaMDA, конечно (без VPN и други методи) официјално стана достапен за граѓаните на Европската унија, како и во поголем дел од светот,односно во повеќе од 230 земји и територии, меѓу кои конечно и во Македонија.
Ова е најголемото територијално и функционално проширување на Bard откако е воведен. Покрај споменатото, Bard добива и нова корисни функции – првата ви овозможува да ги слушате неговите одговори, односно сè што ви пишува четботот како одговор на прашање, може и гласно да ви го прочита (text-to-speech).
Друга нова функционалност е поврзана со фино дотерување на однесувањето на Bard. На корисниците им се достапни вкупно пет опции, па текстуалните одговори на четботот можат да бидат едноставни, кратки, долги, професионални или опуштени. Оваа функција моментно е достапна само на англиски јазик, но Google ветува дека наскоро ќе ја прошири и на други јазици.
Дополнително, Bard сè уште овозможува складирање на разговорите, за да може корисникот во иднина да се наврати на нив, има функција да пишува програмски код (задачите може да бидат и на еден од над 40 светски јазици), но и директно споделување разговори со други корисници преку единствен линк .
Мултимодалноста на Bard се покажува со тоа што, покрај текстот, може да се користи и графички фајл за поставување „промпт“. За таа цел, Google го комбинираше четботот со можностите на системот Google Lens, кој ја препознава содржината на сликата. Ова значи дека во Bard можете да додадете која било слика и да побарате од неа, на пример, анализа или опис. И оваа функција моментно е достапна само на англиски јазик, со најава за проширување и на други јазици наскоро.
Ако сакате веднаш да проверите што има да понуди Бард, упатете се на овој линк.