Се чини дека Samsung ја враќа старата практика од која многу корисници не беа задоволни. Претстојниот Galaxy S23 FE ќе го покренува Exynos чипот во Европа, додека верзијата во САД ќе го добие попосакуваниот Snapdragon 8 Gen 1
Ако треба да судиме според информациите кои кружат на социјалните мрежи и медиумите од февруари, претстојниот „убиец на флегшип модели“ на Samsung, Galaxy S23 FE би требало да биде придвижуван од Snapdragon 8 Gen 2 на Qualcomm или барем Snapdragon 8 Gen 1 од минатата година.
Тоа најверојатно ќе биде точно, но не целосно. Имено, тестовите на Geekbench и официјалната страница за поддршка на Samsung откриваат дека американската верзија на Galaxy S23 FE ќе има Snapdragon 8 Gen 1, додека европската ќе го користи Exynos 2200, пренесува GSM Arena.
Практиката на Samsung да користи различни чипсети во зависност од регионот каде што се продава телефонот, со години фрустрира многу корисници. Уште во 2020 година, беше покрената петиција со која се бара од јужнокорејскиот производител да престане да користи Exynos во своите паметни телефони, најмногу поради пониските перформанси во споредба со Snapdragon, послабата енергетска ефикасност и послабата автономија.
Иако серијата Galaxy S23 на Samsung го користи Snapdragon 8 Gen 2 во сите региони, петицијата очигледно не вроди со плод. Samsung им кажа на незадоволните корисници дека Exynos и Snapdragon чипсети поминуваат низ истите „строги и ригорозни“ сценарија за тестирање во реалниот живот за да им овозможат на сите корисници доследни и оптимални перформанси.