Иако Apple не го прикажа M3 чипот на годинашната WWDC конференција, новите информации сугерираат дека нема да се воздржи да претстави нови компјутери со овој чипсет веќе оваа есен
Откако Apple традиционално ја одржува презентацијата на новите iPhone уреди и паметни часовници во септември, во октомври пристигнува вистинско уживање за оние кои ги чекаат iMac и MacBook со M3 чип. Така барем тврди Марк Гурман, известувач на Bloomberg и долгогодишен аналитичар на Apple.
„Сега кога Apple го објави 15-инчниот MacBook Air и новите Mac уреди базирани на M2 Ultra, во октомври ќе бидат претставени првите Mac компјутери со M3 чип. Ќе биде рано за најмоќните верзии на компјутерите на Apple, така што корисниците најверојатно ќе добијат новиот 24-инчен iMac, 13-инчниот MacBook Air и 13-инчниот MacBook Pro“, наведе Гурман во најновото издание на неговиот Power On билтен.

Гурман зборува за iMac со M3 чип од март оваа година, а според неговите претходни најави, не би требало да има промени во надворешниот дизајн. Новиот iMac сепак би требало да го задржи 24-инчниот екран и би требало да доаѓа во истите бои како неговиот претходник, а сите промени всушност ќе бидат во внатрешноста на уредот.
Кога станува збор за M3 чипоит, кој ќе биде произведен во 3-нанометарски процес, Гурман кон средината на мај рече дека најмалку една верзија е во фаза на тестирање.
„Процесорот се состои од шест јадра за перформанси кои се справуваат со најинтензивните задачи и шест ефикасни јадра кои се вклучуваат за задачи кои бараат помалку енергија. Самиот чипсет на овој конкретен тест го покренува MacBook Pro со претстојниот MacOS 14.0 и веројатно станува збор за основната верзија“, објасни тогаш Гурман.
