Сите експерименти ги покажаа истите резултати – нашиот мозок ја обработува и тишината како и звукот
Уште од времето на Аристотел, филозофите и разни други експерти дебатирале дали луѓето навистина можат да ја слушнат тишината. Се чини дека новата серија на експерименти спроведени од научници од Универзитетот Џонс Хопкинс во САД го реши овој проблем.
За време на студијата, експертите користеле добро познат трик за да ги измамат слушателите да мислат дека два звука се пократки од еден, иако тие всушност траат исто. Кога научниците ги замениле звуците со тишина, откриле дека илузијата сепак функционира. Овој експеримент можете сами да го пробате. Имено, ќе ви се чини дека една континуирана тишина трае подолго од две одвоени и покрај тоа што имаат исто времетраење, пишува Science Alert.
„Тишината, што и да е, не е звук – тоа е отсуство на звук. Тоа е ништо. Но, нашиот труд покажува дека луѓето можат да слушнат ништо“, рече Руи Же Го, дипломиран студент по филозофија и психологија на Универзитетот Џонс Хопкинс. Имено, научниците се убедени дека бидејќи на тишината реагираме исто како и на звукот, навистина ја слушаме тишината – а не дека само заклучуваме дека таа постои.
Експертите спроведоа седум експерименти во кои учествуваа 1.000 испитаници. Во некои експерименти, тие користеле позадинска бучава, како што се звуци во полн ресторан или железничка станица, а во други, разлики во тоновите.
Сите експерименти ги покажаа истите резултати – нашиот мозок ја обработува и тишината како и звукот. Претходните истражувања исто така покажаа дека тишината е важна при перцепцијата на звуците, но ова е првиот цврст доказ дека тишината е исто така одреден вид стимулација регистрирана од мозокот.
Истражувањето The Perception of silence беше објавено во списанието PNAS.