Иако експертите се согласуваат дека балконските соларни модули можат да покријат само мал дел од потребите за струја, тие сепак имаат неколку важни предности.
Вградувањето мали соларни системи на балконите за кратко време стана вистински хит во Германија. Според податоците на тамошната Федерална агенција за мрежа, бројот на балконските соларни електрани двојно се зголемил од почетокот на годинава, а според одредени предвидувања, до 2030 година во Германија би можело да има инсталирани 12 милиони такви мини-електрани, односно би ги имало на секој четврти стан.
Како функционираат соларните електрани на балконите?
Растот на цената на енергијата го направи поставувањето на соларните панели на балконите сѐ попопуларна алтернатива за многумина во Германија. Тие може да се купат во готови сетови така што не бараат голема стручност за инсталација и пуштање во употреба.
Обично се состојат од еден или два соларни модули, инвертер и приклучоци за домашната мрежа. Соларните модули генерираат еднонасочна струја, која инвертерот ја претвора во наизменична струја, која за возврат се носи директно во домашната мрежа. Домашните апарати тогаш можат да работат на произведената електрична енергија.
Количината на произведена струја зависи од јачината на сонцето на одредено подрачје и насочувањето на соларните панели. Во Африка, на Блискиот Исток, во Австралија, делови од Кина, Латинска Америка и САД соларниот модул од 400 вати може да произведе до 800 kWh струја годишно.
Во Германија и во другите земји од Централна Европа количината на произведена струја е приближно половина од тоа. Оптимално е модулот да се сврти кон југ и под одреден агол, така што сончевите зраци паѓаат под агол на соларните панели.
Ако не е можно модулот да се постави под одреден агол, количината на произведена струја ќе биде помала. Ако модулот од 400 W е поставен под агол, на ѕид или ограда на балконот на јужна страна, во Германија годишно ќе произведе околу 260 kWh. Ако модулот е свртен кон исток или запад, може да произведе околу 190 kWh годишно.
Може ли да ги задоволи потребите на домаќинството?
Како што е познато, во развиените земји потрошувачката на електрична енергија е голема. Домаќинство со 4 члена во Германија троши околу 4.000 kWh годишно, а домаќинство од два члена 1.500 kWh. Добро насочениот соларен модул од 400 W може налето и напролет да создаде околу 320 W, ако е малку облачно, половина од тоа, а ако е многу облачно, само околу 50 W. Наесен и преку зимата, ако е ведро, ваквиот модул може да создаде околу 160 W, а ако е многу облачно, само околу 20 W. Тоа значи дека балконскиот модул може да покрие само мал дел од потребите на германските домаќинства.
Колку чинат?
Мала балконска соларна инсталација со еден до три модули во Германија чини меѓу 400 и 1.200 евра. Ако цената на струјата е меѓу 30 и 50 центи за kWh, трошоците за набавка се амортизираат за шест до девет години, пресметале експертите од Германија. Потоа струјата која ја произведува инсталацијата, според нивната пресметка, би била бесплатна уште најмалку десетина години бидејќи соларните модули обично траат околу 25 години, а уредот за претворање на еднонасочната во наизменична струја околу 15 години.