WhatsApp за WearOS им овозможува на корисниците да испраќаат текстуални и гласовни пораки, да користат емотикони и брзи одговори и да примаат повици од нивниот паметен часовник
По неколку месеци тестирање, сите оние кои имаат паметни часовници со оперативниот систем WearOS 3 можат да го инсталираат и користат WhatsApp, популарната апликација за пораки.
WhatsApp за WearOS овозможува да се испраќаат текстуални и гласовни пораки, да се користат емотикони и да се примаат повици, а поддржана е и употребата на брзи одговори. Ако паметниот часовник поддржува независно поврзување со мобилната мрежа, сите функции на WhatsApp може да се користат без поврзување со мобилниот телефон.
Потребно е да се нагласи дека WhatsApp за WearOS пристигнува само една недела пред Samsung да ја претстави Galaxy Watch 6 линијата паметни часовници на својот Galaxy Unpacked настан на 26 јули, каде ќе го прикаже и новиот оперативен систем WearOS 4.
Според најавата на Google во мај, WearOS 4 доаѓа со повеќе апликации, подобрено управување со батеријата и подобро претворање на текстот во говор. Исто така, носи подобрена интеграција со Google Home системот, како и поголема функционалност за апликациите на компанијата како Workspace, Gmail и Calendar.
Се шпекулираше дека WearOS 4 ќе пристигне со поддршка за WhatsApp и други апликации од трети страни, но се чини дека Google се предомисли и решил оваа „погодност“ да им ја овозможи на поголем број корисници.