Астрономите со помош на моќниот поглед на телескопот Atacama Large Millimeter Array (ALMA), пронајдоа нешто интересно во орбитата на планета која орбитира околу далечна ѕвезда.
Поточно, експертите открија облак од остатоци што веројатно ја дели истата орбита со планетата и кој може да претставува: а) градбени блокови на нова планета или б) остатоци од веќе формирана планета која доживеа катастрофална судбина.
Ако ова откритие биде потврдено, тоа ќе биде досега најсилниот доказ дека две егзопланети може да делат иста орбита. Орбитата на планетата е патека по која таа се движи околу својата матична ѕвезда. Често велиме дека планетата кружи околу неа, но орбитата обично е во форма на елипса.
„Пред две децении, теоретски беше предвидено дека парови на планети со слична маса би можеле да ја делат истата орбита околу ѕвездата, односно дека постојат таканаречени тројански или коорбитални планети.
Како не се судираат?
Тројанците се планетоиди или природни сателити, т.е. карпести тела, кои ја делат орбитата со планета или поголем сателит. На пример, замислете дека Земјата не е сама во планираниот пат околу Сонцето и дека планета со големина на Марс оди веднаш зад неа, по истата патека. И двете планети би имале слични временски услови (ако се исполнат и други претпоставки) и нивната година би траела исто толку денови.
Можеби некои се прашуваат – како не се судираат? Па, многу едноставно, тоа што Тројанците ја делат истата орбита, тоа не значи дека орбитата е нестабилна. Космичките тела патуваат едно зад друго по редовна патека, како воз по воз на железница.
Всушност, Тројанците се вообичаени во нашиот Сончев Систем, а најпознат пример се тројанските астероиди на Јупитер – повеќе од 12.000 карпести тела кои ја делат истата орбита околу Сонцето како гасниот џин. Астрономите предвидоа дека Тројанци, особено тројански планети, би можеле да постојат и околу други ѕвезди, но до сега немало многу докази за оваа претпоставка.
„Егзотројанците (тројанските планети надвор од Сончевиот Систем) досега беа како еднорози: теоретски беше можно да постојат, но никој никогаш не ги видел“, вели астрофизичарот Хорхе Лило-Бокс од Центарот за астробиологија.
Но, сега научниците детално ги анализираа набљудувањата на ALMA досега и можеби забележале астрономски „еднорог“ во системот PDS 70. Веќе е познато дека околу оваа млада ѕвезда орбитираат две џиновски планети слични на Јупитер – PDS 70b и PDS 70c.
Откако ги анализираа претходните набљудувања на овој систем, забележаа облак од остатоци во орбитата на PDS 70b; и токму таму каде што обично се наоѓаат тројанци. Имено, тројанските тела обично ги зафаќаат таканаречените Лагранжови зони, две области во орбитата на планетата каде што комбинираната гравитациска сила на ѕвездата и планетата може да зароби материјал.
Додека ги анализираа овие две области во орбитата на PDS 70b, астрономите открија слаб сигнал што укажува дека може да има облак од отпад со маса двојно поголема од нашата Месечина. Научниците веруваат дека овој облак би можел да биде веќе постоечка планета или планета во процес на формирање.
„Кој би можел да замисли два света кои ја делат должината на една година и слични услови? Нашата работа е првиот доказ дека таков свет би можел да постои. Можеме да замислиме дека една планета дели орбита со илјадници астероиди, како во случајот со Јупитер, но неверојатно е дека две планети можат да ја делат орбитата”, вели Олга Балсалобре-Руза, студентка во Центарот за астробиологија во Мадрид, Шпанија, која го водеше пишувањето на истражувањето Tentative co-orbital submillimeter emission within the Lagrangian region L5 of the protoplanet PDS 70 b, кое беше објавено во списанието Astronomy & Astrophysics.