Германскиот производител на спортски автомобили Porsche предупреди на проблеми во снабдувањето со делови за електрични модели и прогнозираше послаб раст на продажбата во Германија и Кина во втората половина од годината.
Компанијата се соочува со „големи предизвици“ во набавката на специјални делови, како што се високонапонските грејачи, кои би можеле да го попречат целниот удел на електрични возила од околу 12 до 14 проценти, рече финансискиот директор Луц Мешке.
За постигнување на таа цел ќе биде потребна многу подобра ситуација со набавките во втората половина од годината, додаде Мешке.
Приходите се зголемени за 14 отсто, на 20,43 милијарди евра.
Во првите шест месеци од оваа година, тие испорачаа 14,7 отсто повеќе автомобили, делумно поради ниската споредбена основа во првата половина од минатата година, кога испораките беа погодени од заклучувањето во Кина.
Закрепнувањето на кинескиот пазар е послабо од очекуваното, истакнуваат од компанијата, а продажбата и на домашниот германски пазар би требало да забави по силниот раст во првите шест месеци.
Сепак, пазарот на луксузни автомобили е многу поотпорен од масовниот пазар на автомобили, нагласи извршниот директор Оливер Блуме, додавајќи дека тие биле во можност да ги надоместат повисоките трошоци со стабилни цени и поголем број продадени автомобили.
Компанијата и во целата 2023 година очекува приходи во опсег од 40 до 42 милијарди евра, под услов состојбата во набавките и во светската економија значително да не се влоши.