Новите, претстојни Sony сензори за слика IMX903 и IMX907 наводно ќе снимаат до 200 MP и можеби ќе бидат дел од новите телефони од iPhone 16 серијата на Apple, поточно iPhone 16 Pro Max моделот.
Новите сензори на Sony, IMX903 и IMX907 би можеле да бидат решение за гласините кои ја следат главната камера на iPhone 16 Pro Max, пишува DigitalCameraWorld. Тие, наводно, ќе имаат можност за снимање до 200 MP, со помош на вграден слој на подпиксели, што ќе го подобри фокусирањето и технологијата на сензор со двослоен транзистор.
Што се однесува до Sony IMX903, тој ќе биде со големина од 1/1,14 инчи со резолуција од 48 MP и големина на пиксели од 1,4 µm. Технологијата за автофокус со два пиксели значи дека секој пиксел ќе биде направен од две фото-диоди.
Како дополнителни функции, овие сензори ќе вклучуваат Dolby Wide Dynamic Range, како и поддршка за 4K High Frame-Rate и кино режим.
Од друга страна, IMX907 ќе пристигне со димензии од 1/1,12 инчи и резолуција од 50MP со големина од 1,4 μm, додека ќе поддржува quad-pixel технологија за автофокус, што значи четири фото-диоди за секој пиксел. Дополнителните функции ќе бидат исти како за IMX903.
Врз основа на ова, приказната за 200 MP како да паѓа во вода. Сепак, Sony најверојатно ќе ја користи истата логика како Samsung во минатото: ако има 50 MP од 1,4 µm, а секоја од нив има четири фото-диоди за автоматско фокусирање, тоа „прави“ 200 MP. Ова значи дека чипот, на ист начин како и Samsung ISOCELL HP2 во Galaxy S23, ќе има 200 MP.
Доколку спецификациите се покажат како официјални, тие не би требало да се најдат во iPhone 15 серијата, но речиси сигурно ќе ги присвојат смартфоните што ќе излезат следната година, поточно сензорот на главната камера кај iPhone 16 Pro Max моделот.
Сепак, има уште многу време до следната година и соодветно на тоа, простор за многу промени во спецификациите и на производите на Sony и Apple. Дотогаш, треба да се задоволиме со постоечките телефони и нивните камери.