Американската вселенска агенција објави дека моментно ја редизајнира својата почетна страница, ја ажурира официјалната мобилна апликација и дека до крајот на годината ќе лансира нова услуга за гледање видео на барање.
Во обид на сите да им овозможи подобар увид во својата работа, достигнувања и мисии, американската вселенска агенција NASA одлучи да направи неколку важни чекори во дигиталниот свет, проширувајќи го своето присуство и достапност до широк опсег на заинтересирани страни. Големиот проект за зајакнување на нивната дигитална комуникација на тој начин ќе влијае на почетната страница на NASA, мобилната апликација, но ќе донесе и сосема нова услуга – услуга за видео стриминг on demand, NASA+.
Редизајн на веб и апликацијата
Веб-страницата која наскоро ќе стане првото место за интеракција со NASA е веќе објавена во бета верзија. Станува збор за редизајн и модернизација на постојниот сајт, со што се консолидираат информации за сите активности во рамките на таа агенција. Навигацијата на новата веб-страница ќе биде полесна, корисничкото искуство ќе биде подобро, а количината на достапна содржина ќе се прошири. До бета верзијата веќе можете да и пристапите тука.
Заедно со редизајнот на веб-страницата доаѓа и ажурирање на мобилната апликација. Официјалната мобилна апликација на NASA моментно е достапна за Android и iOS, а има свои верзии за Apple TV, Amazon (Kindle) Fire TV и Roku мултимедијалните плеери. Во моментов преку него се достапни повеќе од 19.000 фотографии, видеа, подкасти и други содржини, како и новости за сите тековни мисии.
NASA+
Сепак, оваа апликација до крајот на годината ќе биде дополнета со уште една, поврзана со новата услуга, која NASA планира да ја лансира. Тоа ќе биде услуга за стриминг видео на барање, NASA+. Овој стриминг сервис ќе нуди видео содржини потполно бесплатно, без реклами и погодни за сите возрасти. На истото место ќе може да се следат директни преноси на клучни настани, кои досега ги пренесуваше NASA TV, како и нови оригинални видео содржини, серии, документарни филмови и слични содржини.
„Трансформирањето на нашето дигитално присуство ќе ни помогне подобро да ги раскажеме приказните за тоа како NASA го истражува непознатото во воздухот и вселената, инспирира преку откривање и иновира во корист на човештвото“, рече Марк Еткинд од тимот за комуникација на NASA.
Апликацијата NASA+ ќе биде достапна за телефони и таблет уреди со iOS и Android, уредите Roku, Apple TV и Fire TV, како и на десктоп.