Во овој период од годината, морскиот мраз на Антарктикот обично се зголемува, но сега научниците забележале нешто друго.
На Антарктикот му недостасува морски мраз со големина на Аргентина, или околу 1,6 милиони квадратни километри, што значи дека неговиот обем достигна најниско ниво за овој период од годината.
Секоја година во февруари летото на Антарктикот завршува, а морскиот мраз кој го опкружува континентот ја достигнува најниската точка, за повторно да „расте“ во текот на зимата. Сепак, научниците оваа година забележале дека мразот не се вратил како и обично.
За разлика од Арктикот, каде морскиот мраз постојано се намалува поради климатската криза, морскиот мраз на Антарктикот покажа значителни флуктуации во последните децении, што го прави предизвик за истражувачите кои сакаат да го разјаснат неговиот одговор на глобалното затоплување.
Сепак, од 2016 година, научниците беа сведоци на голем пад на трендот, што кулминираше со алармантно ниско ниво оваа зима.
Некои научници го опишуваат овој настан како „извонредно исклучителен“ и се смета за толку редок што се проценува дека се случува само еднаш на неколку милиони години.
Тед Скамбос, глациолог од Универзитетот во Колорадо Болдер, изјави за Си-Ен-Ен дека системот на Антарктикот е драстично променет, што ги прави претходните проекции застарени.
„Играта се промени. Нема смисла да се зборува за шансите тоа да се случи како што беше порано, јасно е дека системот се промени“, рече тој.
Голем број фактори придонесуваат за опаѓање на морскиот мраз, вклучувајќи ја и јачината на западните ветрови околу Антарктикот, кои се поврзани со зголеменото загадување на планетата која се загрева.
Потоплите температури на океаните северно од границата на Антарктикот, исто така, влијаат на овој феномен со мешање во водите кои обично се изолирани од остатокот од светските океани.
Последиците од намалувањето на морскиот мраз се значајни и далекусежни, иако морскиот мраз директно не придонесува за подигнување на нивото на морето бидејќи веќе лебди, неговото исчезнување има индиректни последици.
Крајбрежните ледени плочи и глечерите изложени на бранови и топли океански води стануваат сè поподложни на топење и отцепување, што го влошува глобалното зголемување на нивото на морето.
Влијанието врз дивиот свет е подеднакво загрижувачко. Видовите како крил, кои се од суштинско значење за китовите во регионот, зависат од морскиот мраз за нивното живеалиште. Пингвините и фоките исто така се потпираат на морскиот мраз за хранење и одмор.
Антарктичкиот морски мраз е од витално значење за регулирање на температурата на планетата. Неговата рефлектирачка површина ја насочува дојдовната сончева енергија назад во вселената. Меѓутоа, како што се топи, потемните океански води апсорбираат повеќе од сончевата енергија, што доведува до дополнително затоплување.
Истражувачите се обидуваат да ги разберат основните причини за оваа драматична промена во нивото на мразот на Антарктикот.
Додека некои предупредуваат дека е премногу рано да се утврди дали ова е новата норма, други како Тед Скамбос стравуваат дека овој невиден настан може да укаже на долгорочна трансформација на системот на Антарктикот.
Ако трендот продолжи, тоа би можело да има далекусежни ефекти низ целата планета, да влијае на временските обрасци и да предизвика пораст на нивото на морето што им се заканува на крајбрежните заедници ширум светот.