Идниот флегшип телефон на Samsung, Galaxy S24 Ultra би можел да се префрли на употреба на материјали од титаниум при изработката на телото на уредот
Поттикнати од примерот на главниот конкурент, компанијата Apple и веста дека нивните следни топ модели iPhone 15 Pro и Max ќе имаат завршница која вклучува употреба на легура на титаниум, се чини дека Samsung исто така се одлучил да го зајакне својот иден Galaxy S24 Ultra флегшип, кој би можел да биде изработен од титаниум.
Користејќи ја периодичната табела на елементи, инсајдерот Ice Universe сподели твит со апострофирање на 22-от елемент од периодичниот систем на Менделеев, кој секако се однесува на титаниумот, а судејќи според одговорот даден на еден следбеник во продолжението на започнатиот дијалог, многу е веројатно дека Galaxy S24 Ultra ќе биде направен од ново куќиште од легура на титаниум. Се шпекулира дека Apple ќе го користи истиот материјал за iPhone 15 Pro и iPhone 15 Pro Max, а во последното појаснување се наведува дека Applе ќе користи легура на титаниум „Grade 5“.
— ICE UNIVERSE (@UniverseIce) July 30, 2023
Со години, производителите на телефони заглавија со примената на алуминиум или нерѓосувачки челик за нивните телефони од највисока класа, но посегнувањето кон титаниум полека создава брановиден ефект кој се пренесува од компанија до компанија. Затоа не треба да се чудите доколку во иднина сè повеќе компании како Xiaomi, OnePlus и други да го споменуваат овој материјал како една од впечатливите карактеристики на нивните топ модели. Сепак, гледајќи ги очигледните предности на титаниумот во споредба со алуминиумот во производството на паметни телефони, се поставува легитимното прашање зошто производителите не го усвоија овој материјал порано?
Одговорот е едноставен, бидејќи е премногу скап. Ова е и причината зошто Galaxy S24 Ultra веројатно ќе биде единствениот член од целата линија што ќе ја има оваа уникатна конструкција на куќиште. Под претпоставка дека Samsung сака да го примени истиот материјал за моделите Galaxy S24 и Galaxy S24 Plus, можеби ќе треба да ги зголеми цените на овие два телефони, што може значително да ја намали нивната продажба. Во моментов, корејскиот гигант не минува баш низ најдобриот период, бидејќи испораките на неговите паметни телефони се во постојан пад неколку последователни квартали, па веројатно му се потребни нови идеи за да генерира поголем интерес кај корисниците за своите Galaxy телефони.