Руски поларни истражувачи успешно одгледаа лубеници на станицата „Восток“ на Антарктикот, најстуденото место на светот, објави Институтот за истражување на Арктикот и Антарктикот.
„Резултатите од експериментот се импресивни. Успеавме да ги одгледуваме најјужните лубеници во најтешките услови на Антарктикот. Вкусот и мирисот не се полоши од лубениците што ги имаме дома. Големината на плодовите е со дијаметар од 13 сантиметри, а тежат до 1 килограм“, вели геофизичарот на ААНИИ, Андреј Тепљаков, кој го води проектот на станицата „Восток“.
Експериментот беше заеднички проект на ААНИИ, Институтот за агрофизички истражувања и Институтот за биомедицински проблеми на Руската академија на науките.
ААНИИ во соопштението наведува дека поволните услови за растенијата, како што се температурата и влажноста на воздухот, се создадени од страна на научниците со помош на фитотехнички комплекс заеднички дизајниран од Астрофизичкиот институт и научниците.
„При одгледувањето на растенијата се користеше тенок слој замена за почва, хранливи раствори и специјално избрано осветлување. На почетокот на април беа засадени две сорти ранозрели лубеници, кои се способни да се прилагодат на низок атмосферски притисок и недостаток на кислород. Цветовите беа рачно опрашувани на крајот на мај, а во јули поларните опрашувачи можеа да ги вкусат првите плодови. Целиот процес траеше 108 дена“, се вели во соопштението.
Директорот на ААНИИ, Алаксандр Макаров, рече дека покрај научниот интерес и практичните придобивки од свежиот зеленчук, бобинки и зеленило, заедничкиот проект има „многубројни дополнителни важни предности“.
„Стаклената градина на станицата има позитивен ефект врз емоционалната состојба на поларните истражувачи. Воведувањето на практиката на одгледување растенија во сите руски поларни станици е тема за која се зборува долго време, но потребни се прецизни пресметки на ефикасноста и трошоци за проектот“, рече Макаров.
Многу истражувачи поминуваат месеци во изолација, во услови на поларна ноќ, ниска температура и ограничен простор за живеење.
Експериментот наречен „Растения“ беше лансиран во „Восток“ во февруари 2020 година, а оттогаш научниците успешно развија систем за одгледување на 80 видови зеленчук, вклучувајќи домати, пиперки, копар, спанаќ, зелје и друго. Следната цел на тимот е да развие технологија за одгледување капини, боровинки и јагоди.