Axiom Holographics создаде неверојатно искуство со повеќе од 50 холограми на различни животни, од слонови до диносауруси, со спектакуларни 4D ефекти
Австралија направи голем чекор напред кога станува збор за рекреативните и едукативните посети на зоолошките градини. Оваа земја сега ја има првата холограмска зоолошка градина во светот.
Оваа нова туристичка атракција се наоѓа во Бризбејн и е дело на австралиската компанија Axiom Holographics. Од фирмата најавиле и отворање на просторија која на гостите ќе им овозможи да лебдат во вселената без да ја напуштат Земјата.
Холограмската зоолошка градина нуди реалистични 3Д-фотографии од животни кои магично лебдат во воздухот. Посетителите може да видат над 50 холографски животни, меѓу кои и 25-метарски кит. Изложбите ги водат гостите на возбудливи патувања од афричките савани до студените предели на Арктикот. Преку времеплов може да се дружат и со диносауруси.
Креацијата на фирмата овозможува повеќе луѓе истовремено да уживаат во еден спектакл. Додадени се и ефекти како ветар, температура и мириси за искуството да биде пореалистично. Целата зоолошка градина се простира на површина од 1.500 квадратни метри.