Месецов на небото нѐ очекува метеорскиот дожд Персеиди, кој најдобро ќе се гледа на 13 август.
Месецот август асоцира на годишниот метеорски дожд Персеиди, кој се смета за најубавиот метеорски дожд во годината, пишува „Гардијан“.
Метеорскиот дожд познат како „Солзите на Свети Лоренс“ го доживува својот врв овој викенд, ноќта меѓу 12 и 13 август.
Условите за набљудување метеори популарно наречени „солзи на Свети Лоренс“ оваа година се извонредни, со оглед на тоа што Месечината тешко дека ќе ја попречи видливоста на овој небесен феномен со својата светлина, а добра е и временската прогноза за викендот.
Од темна локација, ќе може да се видат дури 60-100 метеори како се провлекуваат низ небото во сите правци.
Овој метеорски дожд е предизвикан од минувањето на Земјата низ опашката на кометата Свифт-Татл, која последен пат поминала низ Сончевиот систем во 1992 година.
Метеорскиот дожд трае од 14 јули до 24 август, но најдобро се гледа на 13 август. Во најсилниот период ќе може да се видат и до 100 метеори на час, соопшти НАСА.
Минатата година метеорскиот дожд Персеиди беше „компромитиран“ од силната Месечина што некои од метеорите ги направи помалку видливи. Но, во 2023 година, светлината поради Месечината ќе биде само околу 10%, што значи дека метеорскиот дожд ќе биде добро видлив.
Типичен метеорид Персеид патува со брзина од околу 214.000 км/ч кога ќе влезе во атмосферата на Земјата, а потоа се нарекува метеор. Повеќето од нив се многу мали, со големина на зрно песок и речиси ниту еден нема да падне на земја. А кога тоа ќе се случи, им се менува името во метеорити.
Се проценува дека Персеидите достигнуваат температура од околу 1.650 степени Целзиусови, а стануваат видливи кога се на околу 97 километри над Земјата.
Зошто се нарекува Персеиди?
Според хеленската митологија јунакот Персеј, син на Ѕевс, се оженил со Андромеда и со неа имал 9 деца. Персеиди, збор што се однесува на потомците на Персеј, денес претставува еден од најпознатите метеорски дождови што секое лето го набљудуваме на ноќното небо.
Американските астрономи Луис Свифт и Хорас Татл во 1862 година откриле комета во соѕвездието Персеј, која денес е именувана по нивните презимиња 109P/Swift–Tuttle. Две години подоцна, италијанскиот астроном Џовани Скјапарели ја сфатил врската помеѓу кометата и метеорскиот дожд.