Руската долго одложувана роботска мисија на Месечината, Luna-25 конечно треба да биде лансирана во петок, 11 август, а поради неа се евакуира еден цел град.
Лендерот Luna-25 е дизајниран да направи меко слетување на јужниот пол на Месечината во време кога светските сили се фокусираат на рударењето на овој регион и барањето мраз кој може да се претвори во вода, кислород и ракетно гориво.
Станува збор за првиот руски лунарен лендер во последните 50 години, односно од 1976 година, а ќе биде лансиран на врвот на ракетата Soyuz 2.1a, од космодромот Восточни на источниот дел на Русија.
Меѓутоа, властите пред лансирањето мора да евакуираат едно цело гратче кое се наоѓа под траекторијата на ракетата Soyuz, затоа што постои опасност бустерите од ракетата да паднат во населеното подрачје. Гратчето Шахтински се наоѓа југоисточно од местото на лансирање и жителите ќе бидат евкауирани во 7.30 часот наутро и ќе бидат транспортирани на локација од каде што ќе можат да го набљудуваат лансирањето, а ќе им биде обезбеден и појадок. Локален руски научник вели дека шансите остатоци од ракетата да паднат над самиот град се 1:1.000.000.
Од компанијата која го создаде лендерот, NPO Lavočkina соопштија дека завршиле со сите процеси за производство на леталото, кое може да стане првото во светот кое направило меко слетување на Месечината во регионот на јужниот пол. Целта на лендерот е да направи контактни истражувања на тлото на Месечината во поотрага по присуство на мраз на местото на слетување.
Европската вселенска агенција планираше да ја тестира навигациската камера Pilot-D на лендерот Luna-25, но се откажа од тоа откако Русија изврши инвазија врз Украина минатата година.
Luna-25 е првата лунарна сонда од домашно производство во модерната руска историја. Во соопштението од NPO Lavočkina се вели дека лендерот користи целосно руска база на елементи и ги содржи најновите достигнувања на полето на вселенските инструменти. Исто така, додаваат дека главната цел на мисијата е развивање на основни технологии за меко слетување во циркумполатниот регион и спроведување на контактни студии на јужниот пол на Месечината.
Лендерот ќе биде таму отприлика една година.