Некои корисници на паметните телефони на Apple, iPhone 14 и iPhone 14 Pro се пожалија на повеќе од очекувано деградирање на батеријата иако ги користат уредите помалку од една година.
Американскиот јутјубер и креатор на содржини, Сем Кол објави преку платформаѕта X во јули дека максималниот капацитет на батеријата на неговиот iPhone 14 Pro паднал на 90 отсто, што е многу побрз пад во споредба со претходните модели на iPhone што ги поседувал. Многу други корисници на оваа серија потоа се пожалија на истиот проблем.
Сега Кол објави и видео поврзано со овој проблем и рече дека „тешко му е да го препорача смартфонот, особено ако се земе предвид дека чини 999 долари“.
Официјално, Apple вели дека батериите на iPhone треба да задржат до 80 проценти од нивниот оригинален капацитет по 500 целосни циклуси на полнење. Серијата iPhone 15 доаѓа наскоро на пазарот, а последните гласини велат дека батериите ќе бидат за 10 до 18 проценти поголеми од сегашните.
Колумнистката за технологија на Wall Street Journal, Џоана Стерн, исто така тврди дека нејзиниот iPhone 14 Pro покажува 88 отсто капацитет на батеријата. Персоналот на The Verge соопшти дека батериите на моделите на iPhone 14 Pro се со капацитет од 91, 93 и 97 отсто. Во претходните години, повеќето корисници не пријавија сличен пад на капацитетот додека не поминаа најмалку две години од користењето.
Замената на батеријата на iPhone 14 и iPhone 14 Pro по истекот на едногодишната гаранција е поскапа од претходно, бидејќи лани цената е зголемена за 30 долари, од 69 на 99 долари. Денес, сепак, корисниците можат сами да го заменат наместо да бараат помош од Apple Store или услуга од трета страна.
Индикаторот за здравјето на батеријата пристигна со ажурирањето на iOS 11.3, кое исто така им овозможи на корисниците да ја исклучат проблематичната деградација на перформансите што го означи случајот batterygate, кога Apple тврдеше дека тоа е мерка за заштита на iPhone од застарените батерии, што на крајот доведе до судски спогодби.