Следната година Apple ја одбележува десетгодишнината од претставувањето на првиот модел на својот паметен часовник.
Со секоја нова генерација, Apple Watch добиваше помоќен хардвер и подобри опции, а компанијата минатата година ја претстави најголемата промена со воведувањето на уште поголем и поиздржлив Ultra модел. Овој паметен часовник не е наменет за поширокиот пазар, туку пред се за авантуристите кои навистина ќе ги искористат неговите многубројни опции, но и оние кои се подготвени да платат 800 долари.
За останатите, Apple има два типа на часовници во својата понуда – класичен Apple Watch и Watch SE, модел кој нема толку многу опции, но е подостапен.
Компанијата на Тим Кук за околу еден месец ќе ја претстави деветтата генерација на часовникот, од која според последните информации кои ги објави новинарот и аналитичар Марк Гурман, не треба да се очекуваат премногу промени и новитети. Дијагоналата на екранот треба да биде иста како во актуелната верзија, додека Apple Watch Series 9 треба да има побрз процесор.
Но, иако не треба да очекуваме многу од годинашната верзија, се чини дека компанијата подготвува големи промени за Apple Watch Series X моделот. Овој часовник, со кој Apple ќе ја одбележи десетгодишнината од уредот, би требало да донесе значителни промени, иако Гурман предупредува дека постои можност некој од новитетите Apple да не успее да имплементира во часовникот следната година, туку дури во 2025 година.
Првиот од планираните новитети се однесува на начинот на поврзување на ремените со самиот часовник. Наместо сегашниот начин на поврзување, моделот Watch Series X треба да има посебни точки за прицврстување на магнетното ременче на часовникот, благодарение на што би се отворил дел од просторот во куќиштето на часовникот што може да се искористи за уште поголема батерија, што секако е опција која ќе биде поздравена од сите корисници . Планот на Apple за идниот часовник вклучува и microLED екран, но со оглед на тоа дека оваа технологија е прилично скапа, прашање е дали компанијата ќе може да ја прилагоди за моделот што ќе го претстави следната година или може да ја очекуваме во 2025 година.
Друга новина што ја подготвува Apple е сензорот за крвен притисок. Информациите за оваа функција кружат на интернет со години, а по долг развој изгледа дека Кук и тимот конечно се поблиску до целта. Не треба ни да се споменува колку еден таков сензор би можел да биде корисен и колку би го зголемил значењето на часовникот како медицински уред, но прашање е дали ќе се појави во следната генерација на часовници.
Покрај горенаведеното, Гурман вели дека куќиштето на часовникот следната година треба да биде потенок, а не се знае дали сите новитети што ги подготвува компанијата ќе влијаат и на цената на Apple Watch.