Ограничената бета верзија за Netflix игри во облак на популарната платформа за гледање филмови и серии стартува во понеделник во Канада и Велика Британија
Почнувајќи од понеделник, стримингот на игри на Netflix ќе започне со бета тестирање, заедно со постоечките опции за гледање филмови и серии на оваа популарна платформа, се вели на страницата на услугата. Системот најпрвин ќе стартува со некои корисници во Канада и Велика Британија кои ќе можат да ги испробаат игрите на Netflix, што можат да ги тестираат на нивните телевизори и на веб-страницата на услугата.
Веста ја објави Мајк Верду, потпретседател за Netflix игри и се карактеризира како „ограничен бета тест за мал број членови“. Иако игрите ќе може да ги испробаат мал број луѓе, доколку функцијата го помине тестот, секако ќе претставува голем чекор за амбициите на овој сервис.
Компанијата за прв пат ја лансираше својата понуда за мобилни игри како бесплатна поволност за претплатниците во ноември 2021 година, а досега нејзините игри беа достапни само на оперативните системи iOS и Android. Со донесување игри на телевизорите и веб-прелистувачите преку стриминг во облак, претплатниците ќе можат да играат посериозни наслови на многу повеќе уреди, што исто така значи дека Netflix би можел да почне да се натпреварува со други гејминг услуги за телевизори и компјутери.
Моментно достапни две игри се Oxenfree, од Night School Studio, и новата игра Molehew’s Mining Adventure, која Верду ја опишува како аркадна игра за ископување скапоцени камења.
Кога пренесувате игри на вашиот телевизор, можете да ги користите вашите паметни телефони како контролер. На уредите со Android, контролорот ќе биде достапен преку апликацијата Netflix. Оние со iOS уреди ќе треба да преземат посебна апликација која ќе му овозможи на нивниот телефон да стане контролер. Оние кои сакаат да ги играат овие игри на своите компјутери ќе ги контролираат игрите преку глувчето и тастатурата.
Телевизори и поврзани ТВ уреди кои засега ќе поддржуваат стриминг на игри на Netflix се: медија плеерите на Amazon Fire TV, Chromecast со Google TV, LG телевизорите, Nvidia Shield TV, уредите Roku, паметните телевизори Samsung, како и таблет уредите Walmart Onn.
Во блог пост на веб-страницата на платформата, Верду ветува дека „континуирано“ ќе бидат вклучени повеќе уреди како поддршка за игрите на Netflix.