Верзијата на Firefox за Android наскоро ќе вклучи поддршка за отворен екосистем на екстензии. На тој начин, корисниците ќе имаат можност да го прилагодат својот прелистувач со широк спектар на надворешни решенија.
Оваа можност ќе биде достапна до крајот на годината, а повеќе детали се очекуваат следниот месец. Според Mozilla, Firefox ќе биде единствениот популарен прелистувач за Android кој вклучува отворен екосистем на екстензии.
Во моментов, слична функционалност недостасува во Chrome за Android, а Apple неодамна ја додаде оваа опција во Safari на iOS. Инаку, пред неговиот редизајн во 2020 година, Firefox за Android имаше поддршка за екстензии.
Треба да се напомене дека уделот на Firefox на мобилните уреди е исклучително низок, а заклучно со јули оваа година изнесуваше само околу половина процент.