Aмериканскиот производител на електрични автомобили, Tesla објави дека на пазарот пласира две поевтини верзии на своите автомобили, седанот Model S и теренецот Model X. Овие модели ќе бидат достапни само на американскиот пазар, а нивната цена ќе биде за околу 10% пониска од моментално најприфатливите електрични возила на Тесла.
За новиот Model S клиентите ќе треба да издвојат нешто повеќе од 78 илјади долари, а за Model X нешто повеќе од 88 илјади долари, пишува Reuters.
Тие ќе бидат достапни за испорака помеѓу септември и октомври оваа година, стои на веб-страницата на компанијата.
Сепак, новите и поевтини модели на електрични возила ќе имаат и помал опсег на возење. Досегот на Model S ќе биде 515 километри, што е за околу 122 километри помалку од неговата основна верзија.
Досегот на Model X ќе биде до 432 километри, што е за 103 километри помалку од основната верзија.
Понудата на поевтини автомобили е продолжување на политиката на компанијата на чело со Илон Маск за намалување на трошоците за да се зголеми продажбата, која почнаа да ја спроведуваат на крајот на минатата година. Пониските цени се одговорот на Тесла на зголемената конкуренција, но и економската несигурност, што им отежнува на потрошувачите да се одлучат да купат ново возило.
Инаку, Model S и X се најстарите модели на електричните возила на Tesla, а беа претставени пред повеќе од 10 години, во 2012 година. Во вториот квартал од годинава испорачале 19.225 од нив што е значителен пораст во однос на минатата година, кога испорачаа нешто повеќе од 16 илјади Model S и X.