Станува збор за прилично необичен и интересен уред наречен StanbyME, кој претставува 27-инчен LCD телевизор со 1080p резолуција, кој е „спакуван“ во големо куќиште заедно со вградена батерија и звучници од 20W.
Идејата е телевизорот да биде лесно преносливо решение за забава кога сте на пикник, семеен одмор или едноставно додека се релаксирате во вашиот двор. Можностите се доста големи, но треба да се земе предвид фактот дека батеријата на ТВ-уредот трае три часа.
Екранот може да се прилагоди на различни начини, да се навалува, ротира и врти, па дури може да се постави во положба на маса бидејќи има некои игри оптимизирани за уреди со екран на допир. Телевизорот го користи софтверот webOS на LG, па нуди и различни апликации за стриминг. Се контролира преку екран на допир или далечински управувач, а овозможени се и гласовни команди.
StanbyME Go поддржува AirPlay и пресликување на екранот и е компатибилен со уреди кои користат оперативни системи Android и iOS. Исто така, 27-инчниот преносен телевизор поддржува Bluetooth и Wi-Fi конекција, како и Dolby Vision и виртуелизирана Dolby Atmos технологија.
Максималната осветленост не е одредена, но телевизорот има посебен режим за надворешна употреба, што ја прави сликата видлива и покрај сончевата светлина. Покрај тоа, доаѓа со осум амбиентални теми, вклучувајќи оган во камин и звук на бранови на плажа.