Компанијата Meta објави нова алатка со вештачка интелигенција за превод и транскрипција на говор на десетици јазици. Тоа е потенцијална основа за алатки за комуникација во реално време, што ќе ги премостува јазичните бариери.
Се работи за апликацијата SeamlessM4T која засега поддржува преводи на текст и говор на речиси 100 јазици, како и целосен превод од говор во говор за 35 јазици, комбинирајќи ја технологијата што претходно беше достапна само во посебни модели. Извршниот директор на Meta, Марк Цукерберг, рече дека има визија за алатки кои ги олеснуваат интеракциите меѓу корисниците од цел свет во тн. „метаверзум“. Инаку, компанијата го најави својот модел како достапен на јавноста за некомерцијална употреба.
Најголемата светска компанија за социјални медиуми објави голем број модели, главно бесплатни, со ВИ оваа година. Меѓу нив е и јазичниот модел наречен „ЛЛаМА“ (‘LLaMA’ – Large Language Model Meta AI), дизајниран за помош при истражувањето на ВИ.
Во јули, стенд-ап комичарката Сара Силверман и уште двајца автори поднесоа тужби за прекршување на авторските права против Meta и Open AI, обвинувајќи ги за неовластена употреба на нивната содржина за вештачката интелигенција и учењето јазици.
Говорејќи за SeamlessM4T, истражувачите на Meta тврдат во нивниот истражувачки труд, дека собрале податоци за аудио-инструкции од четири милиони часа „сурово аудио коешто потекнува од јавно достапна содржина на интернет“. Претставникот на компанијата не одговори на прашањата за потеклото на аудиоподатоците.
Во истражувачкиот труд на Meta се вели и дека текстуалните податоци потекнуваат од информации создадени минатата година, како што се содржини извлечени од Википедија и слични интернет-страници.