Компанијата Meta одлучи да ја прекине апликацијата Messenger Lite наменета за уреди кои го користат оперативниот систем Android.
Messenger Lite се појави како „полесен“ начин за комуникација на платформата Messenger, но од 18 септември корисниците повеќе нема да можат да го користат.
Кога ќе се отвори апликацијата, ќе се појави инструкција за префрлување на главната апликација Messenger, а веќе сега Lite не може да се преземе од Google Play и може да го имаат само оние кои го преземале претходно. Meta го потврди и исклучувањето на апликацијата.
„Почнувајќи од 21-ви август, луѓето кои користат Messenger Lite на Android се упатуваат на Messenger или FB Lite за да испраќаат и примаат пораки“, рече портпаролот на компанијата.
Најавата за исклучување на апликацијата Messenger Lite доаѓа во време на уште една голема промена за Messenger за Android. Претходно овој месец, Meta објави дека од 28 септември, Messenger повеќе нема да биде достапен како стандардна апликација за СМС на Android.