Компанијата Oppo денеска официјално го претстави својот најнов смартфон на преклоп, Find N3 Flip.
Се работи за понапреден наследник на минатогодишниот модел кој носи големи подобрувања на камерата со оглед на фактот дека новиот модел има Hasselblad систем. На задната страна е подобрената ултраширока камера од 48 MP, како и портрет камерата од 32 MP со 2x оптички зум, додека исто така е достапна и главна камера од 50 MP со оптичка стабилизација на сликата.
Смартфонот доби AMOLED надворешен екран од 3,28 инчи, што значи дека големината не е променета, но функционалноста е значително зголемена за корисниците да можат да користат различни апликации и виџети без да мора да го отвораат смартфонот. Oppo ја нагласува поддршката за бројни апликации за навигација, патувања, музика и социјални мрежи, како и интеграција на паметни клучеви за поновите автомобили.
Останатите клучни спецификации се идентични со минатогодишниот модел. Има главен 6,8-инчен LTPO AMOLED екран со резолуција од 1.080 x 2.520 пиксели и адаптивна стапка на освежување од 1 до 120 Hz. Панелот користи ултра тенко стакло и достигнува максимална осветленост од 1.600 нита.
Смартфонот користи софтвер ColorOS 13.2 базиран на Android 13, а се напојува со батерија од 4.300 mAh која поддржува брзо полнење од 44 W.
Oppo Find N3 Flip е достапен во црна, златна и розова боја, верзијата со конфигурација од 12/256 GB чини 932 долари, додека верзијата со 12/512 GB ќе се продава по цена 1.042 долари.
Преднарачките во Кина се отворени, а отворената продажба започнува на 8 септември. Засега нема детали за цените на другите пазари, но смартфонот дефинитивно наскоро ќе пристигне и на светскиот пазар.