YouTube лансира инкубатор за работа со уметници и музичари за да ја истражи употребата на вештачка интелигенција во музиката, се наведува на блогот на платформата.
Алфабет ја потпиша Universal Music како свој прв партнер во инкубаторот и ќе работи со уметници како бразилската пејачка Анита, Бјорн Улвеус од Аbba и Макс Рихтер, пренесува Ројтерс.
„Инкубаторот ќе му помогне на YouTube да собира информации додека работиме со некои од најиновативните музички изведувачи, текстописци и продуценти низ индустријата“, напиша извршниот директор на YouTube, Нил Мохан во блог пост.
Групата „ќе помогне да се соберат увиди за генеративните експерименти и истражувања со вештачка интелигенција што се развиваат на платформата YouTube“, рече Мохан, додавајќи дека YouTube ќе донесе повеќе партнери.
Генеративната вештачка интелигенција е вештачка интелигенција способна да генерира текст, слики, звуци и други податоци.
Со лансирањето на чатботот ChatGPT кон крајот на минатата година, технологијата е усвоена во низа индустрии, дури и кога законодавците наметнуваат правила за да се спречи неговата злоупотреба, вклучително и прекршување на авторските права.
YouTube соопшти дека дополнително ќе инвестира во технологија базирана на вештачка интелигенција, вклучувајќи го и развојот на нејзината алатка за управување со авторски права, Content ID, за да ги заштити гледачите и создавачите.