Microsoft без многу помпа го испрати во пензија WordPad текст едиторот по верната служба под закрила на оперативниот систем Windows уште од 1995 година.
WordPad повеќе нема да биде составен дел од ажурирањето и целосно ќе биде отстранет од оперативниот систем Windows. Оваа одлука на компанијата од Редмонд е наведена на страницата поврзана со застарените функции за клиентскиот оперативен систем Windows.
Во нејзиниот додаток од 1 септември 2023 година се наведува следново: „Го препорачуваме Microsoft Word за работа со документи што содржат напредна работа со текстуални содржини како што се стандардите .doc и .rtf и Windows Notepad за обични текстуални документи како што е форматот .txt“.
Нема причина да бидеме премногу тажни поради оваа одлука, бидејќи WordPad е прилично застарен со години и едвај служи за некоја корисна цел. Неговата првична цел беше да помогне брзо да се прегледуваат и уредуваат фајловите со напредно форматиран текст (RTF или *.rtf).
WordPad беше претставен заедно со оперативниот систем Windows 95 како замена за Write, кој беше во комплет со сите претходни верзии на Windows OS од оригиналната верзија на системот од 1985 година. Со текот на годините, имаше две главни ажурирања: можност за отворање документи на Microsoft Word во изданието Windows XP (2001) и кориснички интерфејс со ленти што ги доби кога беше објавен системот Windows 7 (2009).