Директорот за маркетинг на Samsung Europe, Бенџамин Браун изјави дека годишната продажба на нивните телефони на преклоп ја надминала продажбата на Note серијата во Европа.
Една од најпопуларните серии на паметни телефони на Samsung, Galaxy Notе беше укината во 2020 година поради фокусот на компанијата на тогаш релативно новите смартфони на преклопување, Galaxy Z Fold и Flip. Иако во тоа време изгледаше како премногу амбициозна и необична идеја, се чини дека сето тоа сега се исплатеше.
„Нашите најнови мобилни уреди на преклоп се продаваат многу брзо. Всушност, годишната продажба на нашите преклопни телефони ја надмина продажбата на серијата Note во Европа“, се пофали директорот за маркетинг на Samsung Европа, Бенџамин Браун на годинашниот IFA 2023 саем во Берлин.
Имено, како што пренесува GSM Arena, неодамна претставените модели Galaxy Z Fold 5 и Galaxy Z Flip 5 се појавија во продажба во 38 европски земји на 11 август. Оттогаш, двата модели ја надминаа раната продажба на Note серијата, која исто така се објавуваше во август.
Браун ги истакна и предвидувањата на експертите, кои наведуваат дека мобилните телефони на Samsung на преклопување ќе ја надминат продажбата од 10 милиони примероци до крајот на оваа година. Ова ги вклучува не само Galaxy Z Fold 5 и Z Flip 5, туку и постарите модели.