Доаѓањето на Android 14 е се поблиску, но пред официјално да ја лансира следната верзија на својот мобилен оперативен систем заедно со новите Pixel телефони, компанијата Google го покажа освеженото лого на Android.
Еден од директорите на Android, Џејсон Фурние соопшти дека компанијата сака 3Д „багдроидот“ да изгледа подеднакво динамичен како и самиот Android. Една од целите на промената е маскотата да изгледа конзистентно во дигитални и реални средини. Освежениот изглед на маскотата и логото ќе почнат да се појавуваат на уредите со Android и на други места подоцна оваа година.
Покрај тоа, Google откри уште некои новитети, меѓу кои е и новиот виџет наречен Assistant At a Glance. Неговата задача е да понуди корисни информации како што се временски предупредувања, потсетници за настани и ажурирања за патувања. Виџетот користи AI технологија за прикажување на овие детали.
Наскоро на Android доаѓа и многу корисна функција за пристапност, а тоа е Image Q&A во Google Lookout. Корисникот ќе може да користи гласовни команди или да пишува прашања за да дознае повеќе детали за аудио описите на визуелната содржина генерирани од вештачка интелигенција. Google ја дизајнираше функцијата имајќи ги предвид слепите и слабовидните луѓе.
Исто така, наскоро ќе може да се додаваат пропусници со баркодови и QR-кодови во Google Wallet, кои содржат на картички за библиотека и теретана. Ќе постои и опција за додавање активност на Fitbit/Google Fit и податоци за спиење во личните рутини, за да може корисникот да ги следи своите wellness цели.
Google ја редизајнираше апликацијата Personal Safety за да им олесни на корисниците да ја споделат својата локација во реално време, да ја снимаат околината и да повикуваат служби за итни случаи.