Според најновиот извештај на TrendForce, првата половина од 2023 година претставува најниска точка во глобалното производство на смартфони во изминатите десет години
Во првиот квартал од оваа година продажбата на паметни телефони падна за речиси 20 отсто, додека во вториот квартал е забележан пад од 6,6 отсто. Оваа мрачна траекторија резултираше со вкупно производство од 522 милиони примероци во првата половина оваа година, што е значителен пад од 13,3 проценти во споредба со истиот период во 2022 година, покажуваат податоците на TrendForce.
Водечките производители на паметни телефони се бореа со овој пад на различни начини. Samsung, кој сè уште го држи првото место, произведе 53,9 милиони мобилни телефони во вториот квартал, што е пад од 12,4 отсто во однос на првиот квартал.
Од друга страна, Apple се соочи со предизвикувачки втор квартал, кој вообичаено е најслабиот период на компанијата, бидејќи купувачите го чекаат претставувањето на новите iPhone модели. TrendForce предвидува дека Apple би можел да го надмине Samsung во однос на пазарниот удел доколку новата серија на iPhone биде популарна меѓу клиентите.
Понатаму, Xiaomi покажа отпорност на оваа климава“ ситуација со зголемување на производството за 32,1 отсто во вториот квартал во споредба со првиот. Овој раст му овозможи на Xiaomi да го обезбеди третото место на пазарот, со што го надмина Oppo.
И покрај зголемувањето на производството од 25,4 отсто во споредба со претходниот квартал, Oppo падна на четвртото место. Аналитичарите на TrendForce очекуваат континуирани добри резултати во Југоисточна Азија и на другите пазари во третиот квартал, што значи дека трката со Xiaomi ќе биде доста – тесна.
Transsion (Tecno, Infinix, itel) за прв пат влезе во првите пет, пласирајќи се пред Vivo. За овој успех придонесе експанзијата на компанијата во средната и високата класа, како и зголемувањето на производството од 71,9 отсто во вториот квартал. Vivo сега е на шестото место со релативно скромно зголемување од 15 проценти на 23 милиони единици.
Податоците на TrendForce покажуваат дека првата половина на 2023 година претставува најниска точка во глобалното производство на паметни телефони во изминатите 10 години. Аналитичарите очекуваат благ пораст на пазарот следната година, но не се преголеми оптимисти. Целосниот извештај на TrendForce е достапен на следниот линк.