Европската комисија денеска согласно Законот за дигитални пазари (ДМА) ги именува компаниите Apple, Amazon, ALphabet, Meta, ByteDance и Microsoft за т.н. „дигитални чувари“ со обврска да обезбедат поврзаност помеѓу бизнисите и потрошувачите преку онлајн услуги.
Согласно оваа одлука, шесте компании имаат рок од шест месеци, до март 2024 година, целосно да се усогласат со одредбите на ДМА за да се спречи да ја злоупотребуваат својата пазарна моќ, да не наметнуваат нефер услови за бизнисите и крајните корисници и да обезбедат отвореност до важните дигитални услуги.
Со денешната одлука како портали за „услуги на основна платформа“ во сферата на „социјални мрежи“ се определени Facebook и Instagram на Meta, TikTok на ByteDance и LinkedIn на Microsoft, во делот на „услуги за размена на пораки“ – WhatsApp и Messenger на Meta, за „споделување видео содржини“ – YouTube на Alphabet, во „посредување“ – Google Play, Google Maps и Google Shopping на Alphabet, Apple Store, Amazon Marketplace и Meta Marketplace, кај „реклами“ – Google на Alphabet, Amazon и Мета, кај „прелистувачите“ – Safari на Apple и Chrome на Алпхабет, кај „оперативните системи“ – iOS на Apple, Android на Alphabet и Windows на Microsoft и кај „пребарувачите“ – Google Search на Alphabet.
Во однос на Gmail, Outlook и Samsung Internet, Еврокомосијата реши дека не се квалификувани за „дигитални чувари“ иако ги исполнуваат условите од ДМА, но Alphabet, Microsoft и Samsung дале „доволно оправдани аргументи“ дека овие услуги не се адекватни како портали за соодветни услуги на основна платформа.
За да бидат „дигитални чувари“ платформите треба да имаат најмалку 45 милиони активни месечни корисници од земјите членки на ЕУ и промет од најмалку 7,5 милијарди евра во последните три финансиски години или пазарна капитализација од 75 милијарди евра. Тие, исто така, треба да обезбедат можност на бизнисите да стигнат до крајните корисници, да имаат „значително влијание“ врз деловниот сектор на ЕУ и „вкоренета и одржлива позиција“ на нивните пазари.
Дополнително, Европската комисија реши да започне истраги за да ги процени тврдењата дека услугата iMessage на Apple и за Bing, Edge и Advertizing на Microsoft не ги исполнуваат предвидените услови. Рокот за спроведување на истрагите е пет месеци.
Исто така, отворена е и истрага за понатамошна проценка дали iPadOS на Apple треба да биде „дигитален чувар“, иако не ги исполнува критериумите. Рокот за оваа истрага е 12 месеци.
Според Законот за дигитални пазари, Еврокомисијата има овластување како „дигитални чувари“ да назначи и компании што не ги исполнуваат пропишаните критериуми со цел да спречи создавање на „тесни грла“ во дигиталниот сектор, но исто така и да спроведе пазарни истраги за тоа дали се почитуваат одредбите.
Еврокомисијата посочува дека ќе го следи ефективно спроведувањето и усогласувањето со предвидените обврски и ако се утврди дека некоја од избраните платформи не ги почитува правилата, може да им изрече казна до 10 отсто од вкупниот промет во глобални рамки. Ако се утврди повторување на прекршоците, казната може да достигне и до 20 проценти од вкупниот промет, а доколку се констатираат систематски прекршоци можни се изрекување и други правни лекови, како забрана за вршење услуги или целосна или делумна продажба на платформата.
Целта на Законот за дигитални пазари, кој стапи во сила од ноември 2022 година, а почна да се применува од мај 2023 година, е да обезбеди фер пазарни услови во дигиталниот сектор.