Индиската вселенска агенција (ИСРО) ги објави првите фотографии испратени од леталото Aditya-L1 од неговото патување кон Сонцето.
Aditya-L1 беше лансиран во саботата и е на пат од 1,5 милиони километри, за што ќе бидат потребни 4 месеци за да стигне до својата дестинација. Тоа е растојание кое претставува само 1% од растојанието помеѓу Земјата и Сонцето.
Првата сончева мисија на Индија започна само неколку дена откако оваа земја стана првата што успешно изврши меко слетување во близина на јужниот пол на Месечината.
ИСРО денеска објави две фотографии направени од камерата поставена на вселенското летало Aditya-L1, а кои се направени на 4 септември.
Една од фотографиите ги прикажува Земјата и Месечината во една рамка, нашата планета е голема, додека нејзиниот природен сателит е мала дамка во далечината. Втората фотографија е селфи на кое се прикажани два од седумте инструменти со кои е опремено леталото.
Првата вселенска мисија на Индија фокусирана на проучување на Сонцето беше именувана по Сурја, хиндускиот бог на Сонцето, познат и како Адитја.
Ознаката L1 ја означува точката Лангранж 1, местото помеѓу Сонцето и Земјата до кое патува индиското вселенско летало.
Европската вселенска агенција (ЕСА) наведува дека ова е точката во која гравитационите сили на два големи објекти, како што се Сонцето и Земјата, се поништуваат едни со други дозволувајќи му на вселенското летало да „лебди“.
Кога Aditya-L1 ќе го достигне своето „паркинг место“, ќе може да орбитира околу Сонцето со иста брзина како и Земјата, што значи дека на леталото ќе му треба многу малку гориво за да работи.
Од лансирањето во саботата, леталото веќе заврши два маневра околу Земјата, а по завршувањето на уште три ќе се упати кон точката L1.
После тоа, ќе може постојано да го набљудува Сонцето и да врши научни истражувања.
ИСРО не соопшти колку чинела мисијата, но се шпекулира дека е 46 милиони долари.