Со Huawei Mate 60 Pro, кинеската компанија ја доведе во прашање ефикасноста на американските санкции, а новиот смартфон доаѓа со многу повеќе домашни чипови од претходно
Премиерата на Huawei Mate 60 Pro и не беше вистинска помпезна премиера. Телефонот беше претставен без многу помпа и најави, но се останато околу него се претвори во голем трн во окото на Америка.
Huawei Mate 60 Pro чини помалку од 1.000 долари во Кина, а аналитичарите велат дека се очекува да бидат продадени 15 милиони примероци. Веднаш по премиерата, Huawei Mate 60 Pro ја отвори сезоната со рекордни продажни бројки, особено затоа што пристигна со новиот чипсет Kirin 9000S направен од локалниот SMIC.
Не долго по премиерата, „TechInsights“ го отвори телефонот и објави дека Мate 60 Pro има две третини од своите чипови кои се произведени во Кина. Пред ова, бројот на кинески чипови во претходните модели беше само една третина.
Токму TechInsight објави дека SMIC стои зад чипот Kirin 9000S, што предизвика сериозни реакции кај претставниците на американското Министерство за трговија кои сакаат построги санкции, бидејќи тврдат дека SMIC ги прекршил. Министерството за трговија изрази желба да се утврди потеклото и структурата на чипот, со цел точно да се утврди кој и кога ги прекршил санкциите кои важат веќе неколку години.
Информациите за модерните чипови кои доаѓаат од Кина започнаа негативен тренд на пад на вредноста на акциите на американските компании, што особено ги погоди Apple и Qualcomm.
Моментната ситуација е дека САД сакаа да ја остават Кина на производствениот процес од 14 nm, но очигледно не успеаја, иако и со процесот на производство од 7 nm, тие сѐ уште две генерации зад САД и остатокот од светот.
Како што пренесува Reuters, еден проблем што моментално го има SMIC е „приносот“ на чиповите, односно ефикасноста на процесот на производство, за која веќе неколку пати зборувавме, а која сега едвај надминува 50%. Ова е значително помалку од индустриската норма од 90%, така што прашањето е дали SMIC може да ги задоволи потребите за чипови на Huawei со сегашниот капацитет.
Во меѓувреме, кинеската влада најави фонд од над 40 милијарди долари, кој има за цел да ги стимулира производителите на полупроводнички алатки, со цел дополнително да обезбеди независност од технологиите кои моментално се контролирани пред сѐ од Холандија и Јапонија.