Apple денеска со почеток во 19 часот по македонско време ќе го одржи медиумскиот настан Wonderlust, на кој се очекува да ги претстави новите смартфони од iPhone 15 серијата. Се очекуваат четири нови модели, а извесно е дека своја премиера ќе имаат и новите паметни часовници на компанијата.
Поевтините iPhone 15 и 15 Plus многу ќе личат на нивните претходници, но ќе добијат Dynamic Island. Од друга страна, iPhone 15 Pro и 15 Pro Max би можеле да донесат поголеми промени – се шпекулира дека ќе нудат титаниумски рамки, дисплеи со потенки рамки и A17 Bionic чипсет. Се очекива iPhone 15 Pro Max да има и камера со поголем оптички зум. Сите модели ќе имаат USB-C портови, наместо Lightning приклучок.
Преминот од нерѓосувачки челик на титаниум се очекува да ги направи iPhone 15 Pro и iPhone 15 Pro Max значително полесни од нивните претходници. Според последните гласини, iPhone 15 Pro ќе биде 18 грама полесен од iPhone 14 Pro, а ќе биде и нешто подебел, но и нешто потесен и пократок. Поголемиот iPhone 15 Pro Max ќе биде тежок 221 грам, што е 19 грама полесно од актуелниот iPhone 14 Pro Max. И покрај полесниот дизајн, Марк Гурман од Bloomberg вели дека iPhone 15 Pro сепак ќе понуди значително подобрување во траењето на батеријата во споредба со минатогодишните уреди.
Освен нови телефони, се очекува и ажурирање на Apple Watch паметните часовници. Watch Series 9 ќе понуди модели од 41mm и 45mm, а покрај нив ќе има и нова верзија на Watch Ultra. Како што објавивме неодамна, промените во новите часовници ќе бидат мали, но компанијата подготвува голем редизајн следната година, за да се совпадне со десетгодишнината од претставувавањето на првиот Apple Watch. Покрај тоа, на настанот се очекува и ажурирана верзија на AirPods слушалките со USB-C порт.
Настанот ќе може да се гледа преку YouTube каналот на компанијата на овој линк.