Компанијата HMD Global веќе шест години продава мобилни телефони под брендот Nokia, а сега ги откри плановите да ја прошири својата понуда и на пазарот да ги донесе смартфоните под брендот HMD.
Оваа информација преку LinkedIn ја потврди ко-основачот, претседател и директор на HMD Global, Жан-Франсоа Барил и изјави дека мобилните телефони на HMD и Nokia ќе коегзистираат и дека клиентите може да очекуваат соработка „со нови возбудливи партнери“.
Барил истакна дека HMD Global е „најбрзо растечкиот производител на 5G смартфони во изминатата година“ и лидер во одржливоста благодарение на уредите на Nokia што може да се поправаат што се појавија во изминатите 12 месеци.
Компанијата сега е подготвена „самостојно да влезе на пазарот и да создаде нов свет за телекомуникациите со фокус на потребите на потрошувачите“.
HMD гордо истакнува дека е „еден од најголемите производители на паметни телефони во Европа“ и дека наскоро ќе почне да им нуди „висококвалитетни и достапни мобилни уреди“ на клиентите ширум светот.
Во овој оглас нема конкретни рокови, но повеќе информации се очекуваат во наредните недели.