Од 15 до 17 септември, во организација на „Македонската Соларна Асоцијација” и Скопје Сити Мол ќе се одржи голем „Соларен Саем”. Со учество на преку 20-тина компании, на 24 резервирани локации, на приземјето во Скопје Сити Мол, посетителите ќе имаат можност да ги погледнат најновите технологии од соларниот сектор.
На тродневниот настан ќе бидат присутни производители и трговци на соларна опрема како: фотоволтаични колектори, термални колектори, акумулаторски батерии, топлински пумпи, фото/термални колектори,громобранска заштита, системи за греење/ладење/вентилација, бакарен фитинг за термални системи, инвертори, соларни сушари, воздушни колектори, електрични велосипеди и електрични полначи, конструкции за монтажа на соларни колектори и соларни бојлери.
Официјалното отворање ќе биде утре од 12 до 13 часот на главниот влез на Скопје Сити Мол, каде ќе бидат присутни и отворени за прашања професор Илија Насов од Македонска Соларна Асоцијација и Жарко Конески, раководител на проектот „Заедно за Климатска акција” од Еко-свест.
Од 13 до 15 часот во кино салата 1 во Синеплекс предвидени се неколку отворени презентации.
На тема „Паметно енергетско планирање” ќе проговори д-р Александар Дединец од МАНУ. Македонска Соларна асоцијација ќе го промовира и „Климатско неутралниот прирачник”, кој ќе може да се погледне на саемот преку скенирање на QR код. Од граѓанските организации, посетителите ќе добијат препораки за користење обновливи извори енергија за домаќинства, која е правната регулатива, кога и како се инсталира фотонапонски систем, кои се чекорите за одржување на системот за негово одржување, каде може да се пронајдат субвенции…
Од 15 до 16 часот часот предвидени се и панел дискусии на темa „Овозможување на
децентрализација на производството на енергија”, панелисти ќе бидат Елена Николовска од Еко-свест и Бојан Трпевски од МЗМП и на тема „Енергетска сиромаштија” ќе проговорат Билјана Дуковска од Македонска платформа против сиромаштија и д-р Маријана Лончар Велкова од Организација на потрошувачи на Mакедонија – ОПМ.
На тродневниот саем при разгледувањето на соларната опрема, граѓаните ќе можат да остварат непосредни средби и со претставници од банкарскиот сектор и со донатори и ќе добијат корисни препораки за различни опции за финансирање при избор на опрема.
Целта на саемот е да се намали влијанието на климатските промени преку примена на обновливи извори енергија.
„Ова би се постигнало преку сеопфатна едукација на населението. Зајакнувањето на капацитетите е можно со зголемување на јавната свест за инвестиција во сертифицирана опрема според европска регулатива. Многу често зборуваме за енергетска ефикасност, обновливи извори на енергија, но ретко се прашуваме, кои сертификати и услови се неопходни при избор на најадекватниот систем. На овој саем граѓаните ќе можат да се едуцираат и информираат каква опрема се нуди кај нас, каде има субвенции, поволни кредитни линии за енергетска ефикасност и на лице место да погледнат во каква опрема би можеле да инвестираат”, велат професор Илија Насов и машинскиот инженер Стефан Трајков од асоцијацијата Солар Македонија.
„Сакаме да ја подигнеме свеста за моќта која ја имаат граѓаните како потрошувачи за да влијаат на подобрување и заштита на животната средина, штедење на струја и наедно пари, само така ќе се намалат последиците од климатските промени. На настанот ќе бидат присутни и граѓански организации кои работат во секторите животна средина, енергија и клима, па присутните ќе можат да се информираат повеќе и за нивните активности и кампањи”, истакнува Жарко Конески, раководител на проектот „Граѓанските организации во акција за климатските промени.
Саемот е финансиран во рамките на проектот „Граѓанските организации во акција за климатските промени” предводен од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест” и во соработка со „Македонското здружение на млади правници” и „Организација за поврзување на природни вредности и луѓе” (CNVP). Целиот проект финансиски е поддржан од Владата на Кралството Шведска.