Научниците од Универзитетот Бангор во Велс, заедно со американската агенција НАСА, развија извор на енергија кој би можел да им овозможи на астронаутите подолги периоди да живеат на Месечината.
Истражувачите дизајнирале нуклеарни горивни ќелии со големина на семе од афион кои можат да ја произведат енергијата потребна за долгорочен престој на површината на Месечината, пишува Би-Би-Си.
Би-Би-Си потсетува дека НАСА одлучила повторно да испрати луѓе на Месечината до 2025 година со програмата Артемида (древната грчка божица Артемида е сестра близначка на Аполо, по која беше именувана успешната програма Аполо, за време на која американските астронаути стигнаа до Месечината) , и да започне изградбата на база на Месечината.
Професорот Самон Мидлбург од Бангор рече дека работата за изградба на енергетските ќелии е предизвикувачка, но „забавна“.
– На Месечината и другите небесни тела кои имаат ден и ноќ, не можеме да се потпреме на енергијата на Сонцето, но мораме да дизајнираме системи како микрореактори кои можат да помогнат во одржувањето на животот. Нуклеарните реактори се единствената вистинска опција во овој момент, но горивото мора да биде доволно силно за да ги преживее сите сили со кои ќе се соочи за време на полетувањето, летот и на Месечината, и да остане сигурно со години, вели Мидлбург.
НАСА планира да изгради бази на површината на Месечината за да можат да организираат повеќе мисии, но и за полесно да испраќаат ракети до другите делови на Сончевиот систем.
Истражувачите на Бангор дошле до начин за производство на енергија на Месечината и ги испратиле тие мали нуклеарни горивни ќелии, наречени ТРИСО гориво, на тестирање. Оваа ќелија може да се користи за напојување на нуклеарен микрогенератор на енергија направен од британската компанија Ролс Ројс.
– Генераторот е пренослив уред, со големина на помал автомобил, па можно е да се вметне во ракета. Можно е да се исфрлат во вселената, со сета сила, а сепак ќе бидат безбедни кога ќе бидат поставени на Месечината – изјави Мидлбург.
Тестирањето на генераторот и ќелиите допрва треба да се направи бидејќи останува да се види дали нуклеарното гориво навистина може да ја издржи силата на лансирање и патување во вселената. На Универзитетот Бангор се надеваат дека микрогенераторите можат да се користат на Земјата, особено во зоните на катастрофи, каде што нема повеќе струја.
Месечината беше во центарот на вселенската трка во 1960-тите, кога и СССР и САД се обидоа да слетаат човечки екипаж на површината на Месечината. Трката заврши со американска победа – Нил Армстронг и Баз Олдрин ја освоија Месечината на 21 јули 1969 година. Последниот човечки екипаж ја напушти површината на Месечината во 1972 година, но сега и Америка и Кина имаат намера да испратат истражувачи на Месечината пред крајот на деценијата. Други земји како Индија, Јапонија и Русија исто така со задоволство испраќаат сонди за да го проучуваат придружникот на Земјата.